loader image

Историја на театарот

Основање на струмичкиот театар

На 1 мај 1949 година ќе се случи легендарната изведба на „Бегалка“ од Васил Иљовски во режија на Димитар Колчаков. Тој датум се зема за датум на официјалното формирање на вСтрумичкиот театар иако подготовките за негово формирање се малку порано, кон крајот на 1948 година, кога од Градскиот народен одбор се донесени Одлуката за формирање и Дозволата за изградба на театарската зграда. Тоа е првиот професионален театар формиран во Источна Македонија, а неговата местоположба ќе биде на благата угорнина на улицата „Боро Џони“, врз темелите на некогашната Турска бања, во непосредна близина на кино „Балкан“. Тука, со доброволна работа на членовите на тогашниот Народен фронт ќе биде подигната неголемата театарска зграда до ден-денешен позната како Стариот театар („Старијо театар“). Првиот состав на Градскиот народен театар ги има следните членови: Стојчо Боев (директор), Димитар Колчаков (режисер и артист); актерките Фроска Гаврилова, Дивна Гаврилова и Кумјанија Георгиева; актерите Гиго Вета, Стојан Гогов, Александар Думов, Стојан Мицев, Алеко Протогеров и Сандо Монев; суфлерот Ѓорѓи Китанов, ликовниот уметник Наќе Просениклиев, осветлителот Киро Митев и хигиеничарите Ибраим Исмаилов и Славка Чанева. Веќе следната година, во сезоната 1950/51 составот се зголемува со актерките Тинка Србинова, Зора Николова, Олга Танушева, Васка Стојанова и Оливера Чамкова; актерите Александар Николов, Анчо Ангеловски и Кирил Митев; секретарот Киро Кујумџиев, техничарот Павле Пиперевски, браварот-техничар Ристо Јанев и столарот Васил Христов.

На 5 ноември 1949 година во режија на Коле Чашуле е прикажана претставата „Печалбари“ на Антон Панов. Тоа е најгледаната претстава во историјата на Струмичкиот театар со 102 изведби и 28.518 гледачи кои ја виделе.

Екипата на „Скитник“ со режисерот Димитар Колчаков, 1953 г.
Од лево на десно: Ристо Костов, Ѓорге Шарламанов, Љубица Пиперевска, Зора Ѓорѓиева, Милојка Мазнејкова („Манде“, 1956)
Стојан Гогов и Александар Думов во „Пат во злочин“, 1957

50-тите

Репертоар: ориентираност кон битовиот драмски модел, кон неговата сценичност што во најголема можна мера има непосреден и близок контакт со публиката. „Бегалка“, „Чорбаџи Теодос“ и „Чест“ на Васил Иљовски, „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински, „Антица“ на Ристо Крле – тоа се некои од првите пиеси поставени на струмичката сцена. Ориентираноста кон комедијата, кон популарните комедии на Бранислав Нушиќ: „Сомнително лице“, „Народен пратеник“, „Ужалена фамилија“, неизбежниот Стеван Сремац со „Поп Киро и поп Спиро“, како и Јован Стерија Поповиќ со неговата „Покондирена тиква“. Уделот на Петре Прличко како режисер и како автор на едночинки и адаптации. Во тогашниот театарски состав, во тие години, нема школувани режисери, освен Димитар Колчаков, кој најчесто режира и кој бил на кратка специјализација од областа на режијата во поголемите театри во тогашната држава. Затоа во улога на режисери се јавуваат и самите артисти: Гиго Вета, Алеко Протогеров, Александар Думов, Сандо Монев и Стојан Гогов. Во 1954 година режисерот Димитар Колчаков ќе ја добие тогашната Републичка награда за најзаслужни режисери во Македонија за претставата „Ивкова слава“ од Стеван Сремац.
Кон крајот на 50-тите години на репертоарот ќе се најдат и авангардни драми од автори како, на пример, Арман Салакру и Џон Пристли, режирани од Ацо Алексов, школуван на Белградската академија, со што започнува еден отклон на естетски план, првенствено во однос на доминантната реалистичка естетика. Во тој период доаѓа до значително подигнување на нивото на професионализам, а се зацврстува и сфаќањето на театарскиот чин како естетски феномен. Во 50-тите години на дваесеттиот век членови на Струмичкиот театар ќе станат Зора Ѓорѓиева, Љубица Пиперевска и Веска Вртева. Покрај нив, на ансамблот ќе му се приклучат и актерите Ѓорги Шаламанов – Џони и Панчо Босиљанов, најславниот епизодист во струмичкиот ансамбл, како и Чедо Христов. Како суфлер ќе се вработи Ристо Костов, кој подоцна ќе работи и како актер. На крајот на таа декада, уште како седумнаесетгодишно момче на сцената ќе дебитира Кирил Здравески и на истата сцена ќе остане цели четириесет години. Во 1957 година на струмичката сцена ќе дебитира гимназијалецот Ристо Шишков во претставата „Ноќи на гневот“ од А. Салакру, режирана од Ацо Алексов. До крајот на декадата Шишков ќе игра уште во претставите: „Лажливец“ од Голдони, во режија на Живко Вртев, и „Круг со креда“ на Е. Клобунд, во режија на Стојан Гогов. Време на голем театарски ентузијазам: годишно се случуваат од седум до десет премиери.

60-тите години

Повозбудлива и подраматична деценија од претходната. Репертоар: од драмите на американскиот модернизам на автори како, на пример, Јуџин О’ Нил, Тенеси Вилијамс и Артур Милер, преку драмата на егзистенцијализмот на Албер Ками и драмите на авторите И. Шо, Џ. Хејс, Ж.А. Лакур, А. Арбузов, па сѐ до поставувањето драми од домашни автори. Во 1960 година деби на Мите Грозданов како актер, на кој Струмичкиот театар ќе му биде почетна и важна одредница во неговиот професионален развој. Истата деценија како актер ќе се вработи Божидар Димитров. Во 1961 година, актерот Чедо Христов како Момчето, актерката Љубица Пиперевска како Девојката и Стојан Гогов како Непознатиот ќе бидат наградени за успешни остварувања од Здружението на драмски уметници на СР Македонија во претставата „Среќа и крадци“ режирана од Ацо Алексов. Писателот Кочо Урдин е директор во Народниот театар во сезоната 1962/63 и потоа од 1967 до 1970 година. На негово настојување ќе се случи реконструкција и адаптација на театарскиот салон, а исто така, по негова заложба, Антон Панов ќе стане патрон на Струмичкиот театар. Во еден краток период од три години, од 1963 до 1966 година, Струмичкиот театар ќе се интегрира со Работничкиот универзитет во Струмица. Во период од седум години, од 1963 до 1970 година, на струмичката театарска сцена ќе игра и, подоцна познатиот, театарски и филмски артист Душко Костовски. Во 1964 година младиот режисер Бранко Ставрев ја режира „Матуранти“ од Жозе Андре Лакур. Истата година на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп претставата ги добива сите девет награди и станува претходница на успесите што допрва следуваат на истиот фестивал. Наградата за Љубица Пиперевска за улогата на Флоранса во „Стапица за беспомошниот човек“, наградата за Зора Ѓорѓиева за улогата на Тања во истоимената претстава, наградата за Душко Костовски за улогата на Артур Лонг во претставата „Живот во моите раце“, наградите за режисерот Бранко Ставрев, актерот Александар Думов, сценографот Чедо Христов и костимографот Блажо Киров за претставата „Смеа низ сокаците“.

Критиката вистински почнува да ја следи продукцијата на Струмичкиот театар и, покрај пофалбите или забелешките за актерската игра или режијата, многу често има забелешки за техничкото ниво на изведбите. Во тоа време постојани членки на ансамблот стануваат актерките Тинка Ристеска и Фроска Драгомирска, а нешто подоцна и актерот Томе Ментинов. Како сценски мајстор, мајстор-столар, во 1962 година е вработен Радован Вучетиќ.

Веска Вртева, Ѓорге Шарламанов, Ристо Костов, Стојан Гогов во „Конкурс“, 1961
Тинка Србинова, Чедо Христов и Ѓорге Шарламанов во „Матуранти“, 1964
Љубица Пиперевска, Кирил Здравески, Верица Станисавлевиќ, Зора Ѓорѓиева и Стојан Гогов во „Тутунски пат“, 1972
„Векутума века“, 1974

70-тите

Златно доба на Струмичкиот театар. Седум години по ред театарот од Струмица и учесниците во претставите ќе бидат наградувани на Театарските игри во Прилеп и тоа во годините: 1970, 1971, 1972, 1973, 1974, 1975, 1976. Дури пет од тие награди се награди за најдобра претстава во целина, четири во режија на Бранко Ставрев, една во режија на Душан Наумовски. Тука се наградите за актерски остварувања на Зора Ѓорѓиева, Александар Думов, Стојан Гогов, Љубица Пиперевска, Кирил Здравески, уметници што во тоа време ги создаваат своите врвни уметнички креации. Низата на успесите е следна: „Трамвајот наречен желба“ на Тенеси Вилијамс, „Дамки“ на Кочо Урдин, „Тутунски пат“ на Ерскин Колдвел, „Смртта на Тарелкин“ на Сухово-Кобилин, „Векутума века или житие Адамово“ според Марко Цепенков, „Големата награда“ од Хектор Кинтеро, сите во режија на Бранко Ставрев, кој понекогаш се јавува и како автор на драматизацијата, како сценограф, костимограф, преведувач. Во 1975 година Струмичкиот театар ќе ја добие републичката награда „Климент Охридски“.

Во 1977 година, поради дотраеност, зградата на Стариот театар е забранета за јавна употреба. Привремено седиште на Струмичкиот театар ќе станат бараките спроти некогашната автобуска станица, каде ќе се случуваат и дел од пробите. Сепак, врската со зградата на Стариот театар нема да се прекине целосно зашто актерите, и покрај забраната, понекогаш во неа ги одржувале своите проби. Сепак, место каде што во најголем дел ќе се случуваат пробите и ќе се прикажуваат премиерните изведби ќе биде некогашниот Дом на ЈНА (денешен Дом на АРМ). Следува период од девет години во кои Струмичкиот театар има статус на „потстанар“.

Како суфлер се вработува Верица Станисавлевиќ, која подоцна ќе биде дел од актерскиот состав. Како суфлер се вработува Слободанка Ѓоргиева

80-тите години

Во 1986 година, по деветгодишната обездоменост, Народниот театар „Антон Панов“ конечно се вселува во новоотворениот Дом за култура „Благој Јанков Мучето“ (денешниот НУЦК „Антон Панов“). Осмата деценија истовремено е и деценија на зајакнување на актерската екипа: се вработуваат актерите Душан Костов, Крсте Јовановски, Кирчо Ѓорѓиев, Ванчо Крстевски, Ванчо Мелев и Бранко Бенинов. Различни по својот сензибилитет, со, кај некои од нив, нагласено интелектуално восприемање на феноменот театар, тие, во времето што следува ќе бидат носители на репертоарот. Во тој период е вработен и гардероберот и шивач Ѓорѓе К’рмзов, кој се јавува и како костимограф на претставите. Член на Струмичкиот театар станува и Љупчо Филчев на местото инспициент, а паралелно ќе ја извршува и функцијата на тон-мајстор. Како осветлител се вработува Љупчо Ричлиев, како суфлер Ѓорги Василев, како хигиеничарка Злата Калапоцева, како сценски работник Ѓорѓи Аризанов. Во 1989 година како актерка во театарот се вработува Валентина Проданова, која ќе биде дел од него до 1996 година. За кратко време, по неколку сезони, постојан дел од ансамблот како актерки ќе бидат Снежана Ѓоргиева, Светлана Василковска, Елица Стојанова и Лилјана Смоквоска.
Успеси на претставите работени според текстови на драмски автори од Струмица и Струмичко. Награда за режија на Стојан Стојаноски на „Бледица“ работена по истоимениот текст на Васе Манчев на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1985 година. Есента во 1986 година во режија на Бранко Ставрев ќе биде прикажана пиесата „Големиот смок“ од Митко Маџунков. Една од претставите што ќе доживеат целосен успех и ќе ја вратат публиката во театарот. Драмскиот текст ќе биде награден на Театарските игри во Прилеп. Две години подоцна ќе биде праизведена втората драма на Митко Маџунков, „Сенката“, а во 1989 година и неговата „Пуста земја“. И обете драми режирани од Бранко Ставрев. Три пиеси што ја чинат трилогијата „Вечната игра“ на тандемот Маџунков – Ставрев и за чија постановка голема улога има тогашниот директор Лазар Новаков. Остануваат запаметени (и наградени) актерските креации на Мите Грозданов, Зора Ѓорѓиева и Александар Думов во трилогијата.
Во јуни 1981 година во напуштениот објект на Стариот театар ќе биде премиерно изведена претставата „На крајот на патот“, режирана од Димитар Станковски. Во 1986 година, една година по нејзината премиера, претставата „Власт“, со која доајените Стојан Гогов и Александар Думов го одбележаа своето заминување во пензија, е снимена од МРТ во зградата на Стариот театар.

Ристо Костов, Стојан Гогов и Томе Витанов во „Големиот смок“, 1986
Кирчо Ѓорѓиев и Тинка Ристеска во „Силниот кројач“, 1988
Крсте Јовановски и Кирчо Ѓорѓиев во „Седумка, љубов и смрт“, 1993
Божидар Димитров, Бранко Бенинов, Томе Ментинов, Ристо Костов и Ванчо Мелев во „Пиликатник“, 1997

90-тите

Креативни театарски години како паралела на метежните политички години. Режисерите Горан Тренчовски и Јани Бојаџи со своите први режии. Тогашната нова македонска драма, пишувана во постмодернистички дух, преку праизведбите на некои дела од авторите Венко Андоновски, Југослав Петровски, Билјана Гарванлиева, првичните сценски верификации ќе ги доживее токму на струмичката театарска сцена преку постановките на режисерот Тренчовски. Авторска награда за истиот режисер за неговата дебитантска претстава „Звучни слики“ во Струмичкиот театар на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 1992 година. Гран При за „Стари времиња“ од Харолд Пинтер на ФААТ во Кочани во 1994 година. Награда за актерката Валентина Проданова за улогата на Ана во истата претстава. Награда на ФКТ „Ристо Шишков“ во 1996 година за високо актерско достигнување на незаменливата актерка на Струмичкиот театар, Зора Ѓорѓиева, за нејзината улога на Аманда во „Стаклена менажерија“ од Тенеси Вилијамс, во режија на Стојан Стојаноски. Во 1991 година за првпат се вработува актерката Оливера Аризанова и е член на ансамблот до 1993 година, а потоа пак се вработува во 1997 година. Вработување на актерот Кољо Черкезов. Како реквизитер се вработува Благој Грнчаров, како технички секретар-архивар Кристина Маџирова, како сценски работник Спасе Мелев, како организатор Сречко Гунчев, а како секретар Елизабета Лазарова.

Во март 1993 година, скандал и општествена поделеност околу претставата „Евангелие по Јуда“. Во 1997 година прва праизведба на пиеса од патронот на Струмичкиот театар, Антон Панов, на струмичката сцена: „Пиликатник“ во режија на Бранко Ставрев. Пиесата, исто така, за првпат се отпечатува во книга. Актерот Бранко Бенинов истата 1997 година ќе ја добие наградата за епизодна улога како Рибарот Дончо во „Пиликатник“ на Македонските театарски игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Учество, за првпат, на Струмичкиот театар на Млад отворен театар (МОТ) во Скопје во 1992 година со една од амблематските претстави таа деценија, „Словенски Орфеј“ на Зоран Стефановиќ, во режија на Горан Тренчовски.

Прв директор на Струмичкиот театар во независна Република Македонија е Ванчо Мелев (од 1990 до 1996). Во 1997 година, директор станува Весна Таковска, првата жена-директор на институцијата. Прва режија на струмичката сцена на еминентниот македонски театарски режисер Љубиша Георгиевски: „Последната ноќ на Сократ“ од Стефан Цанев, во 1999 година.

Нов милениум

2001 – 2010

По многу свои специфики, период кој во историјата на струмичкиот театар е на свој начин посебен. Декада во која на сцена дебитира една нова генерација млади актери и актерки, дипломирани на тетарските академии во земјата и регионот. Некои ангажирани во постојан работен однос, некои ангажирани, првично, хонорарно, а потоа и постојано: Васил Михаил, Коста Ангов, Јасмина Вучкова, Ванчо Василев, Стојан Велков-Трн, Ангелина Тренчева. Иако свое значајно место на репертоарот имаат делата од постарата и поновата драмска класика од автори како Еврипид, Шекспир, Гогољ, Чехов, Бихнер, Брехт, Сартр, Пинтер, оваа е декада во која особено внимание му е посветено на домашниот драмски текст. Праизведби на текстови од Васе Манчев, Владимир Плавески, Мето Јовановски, Јани Бојаџи, Бранко Ставрев, Митко Маџунков, Сема Али, Стојан Ковачев, Јордан Плевнеш, Коле Чашуле, Билјана Гарванлиева. Почетокот на новомилениумскиот период е препознатлив не само по новиот генерациски бран актери и актерки туку и преку соработката со театарски уметници од регионот, со драмски писатели и режисери од Србија и Бугарија. Изведбите на: „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, во режија на Владлен Александров, „Женидба“ од Гогољ, во режија на Гаро Ашикјан, „Последниот ден на Мисирков“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски остануваат – не само преку бројот на изведбите, туку и преку уметничките квалитети – во трајно сеќавање на театарската публика во Струмица и пошироко. Награда за најдобар рекламен материјал за претставата „Последниот ден на Мисирков“ на МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Награда за најдобра машка улога на Тони Михајловски во претставата „Црвена магија“ на „Јоаким фест“ во Крагуевац, Србија. Декада во која особено доаѓа до израз отворањето на струмичкиот театар како институција кон соработници од сите области и од земјата и од странство.

 

Сцена од „Женидба“, 2005
Сцена од „Последниот ден на Мисирков“, 2008
Кољо Черкезов и Јасмина Василева во „Џон Габриел Боркман“, 2017
Сцена од „Дванаесеттата ноќ“, 2017

2011 – 2020

Оживување на една подзаборавена театарска форма на сцената на струмичкиот театар: монодрамата. Според бројот на изведби монодрамата „Таа“ – заедно со гостувањата во регионот (Србија, Бугарија, Црна Гора) – ќе доживее близу педесет репризи. Важни гостувања со претставата „Последниот ден на Мисирков“ – најпрвин во Марсеј (Франција), во рамки на манифестацијата „Недела на македонската култура, а потоа и во Хрватска: Осијек, Самобор и Сплит. Гостување со претставата „Шума“ од Островски, во режија на нововработената режисерка Драгана Таневска, во Москва (Русија). Искуство на ансамблот со куклениот театар преку две куклени претстави за деца режирани од Дарко Ковачовски. Разновидност на репертоарот: свртеност кон класиката (Лорка, Островски, Нушиќ, Ибзен, Шекспир, Достоевски, Орвел, Т. Вилијамс). Простор за афирмација на нови македонски драмски автори преку нивните пиеси (Борис Јанков, Горјан Милошевски). Традиционален интерес кон познатите, постари имиња од македонската драматургија. (Братислав Ташковски, Горан Стефановски, Васе Манчев, Митко Маџунков). Интерес за познати драмски автори од регионот како Христо Бојчев, Маргарит Минков, Миро Гавран, Љубомир Ѓурковиќ. Одбележување на 65-годишниот јубилеј на струмичкиот театар со постановка на трилогијата „Вечната игра“ од Митко Маџунков, во режија на Бранко Ставрев. Зголемување на актерскиот ансамбл со вработување на нови актери: Анкица Бенинова, Игор Тодоров, Танкица Стојанова. Соработка со нови режисерки имиња: Синиша Евтимов, Деан Дамјановски, Дејана Николовска, Ана Батева, Игор Ивковиќ, Срѓан Јанаќијевиќ. Синиша Евтимов ќе ја режира комедијата „Секс, лаги и љубомора“, која ќе стане хит-претстава на репертоарот. Гостувања во Скопје на новооснованиот фестивал „Гола месечина“. Гостувања на фестивалот „Денови на комедија“ во Куманово. Награда за претставата „Животинска фарма од Орвел, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, како и награда за актерот Коста Ангов во истоимената претстава на театарскиот фестивал НЕТА во Враца (Бугарија).

Премиери во новиот милениум

1984 Кабинетот на проф. Тарана Подземна комедија
Беше еднаш
Каминот
Помошникот на Дедо Мраз
Бледица
Клуб на старите лордови
Последниот ден на Мирисков
Бум, прас, трас – дедо мрас
Кокошка
Роденден
Велика
Крајот на кралот
Сексуалните нервози на нашите родители
Вечна игра
Крвави свадби
Селата на Потемкин или јајца на бански начин
Вирус
Куче со боја на небо
Слепи птици
Вистинскиот минхаузен
Лебедова песна
Смртта на Дантон
Виктор или деца на власт
Љубовникот
Сон на летната ноќ
Волшебникот од Оз
Малограѓанска свадба
Срж
Враќање
Мара Де Сад
Стаклена менажерија
Вртелешка
Молба до Господ
Стриндберг досие
Второ пришествие
Мурлин Мурло
Струмица 1918
Гола Вера
Народен пратеник
Таа
Големиот смок
Не чукај блиску до срцето
Тибурсио и синфороса
Дамата од Максим
Небо без рамка
Фениќани
Дедо Мраз и Аладин
Некои работи и слично на тоа
Харолд Пинтер или без проговор
Дедо Мраз, Астерикс и Обеликс
Ни ќар ни зијан
Царот Владислав
Дружината на Лајко Сезнајко
Огнено лице
Црвена магија
Есенска приказна
Операција Лир
Црна комедија
Женидба
Перпетум мобиле
Чудо големо
Животинска фарма
Петар Пан
Џон габриел боркман
Забрането смеење
Петар Пан го спасува Дедо Мраз
Шекспир зад решетки
Зад завеси
Петтион чин
Шума
Зад затворени врати
Печалбари
Змеј Горјанин
Пинокио
Идиот
Пинокио го бара Дедо Мраз
Иксперимент
Пипи долгиот чорап
Јованче и Марика
Плеј стејшн

НУЦК „Антон Панов“ – Струмица

Почнувајќи од 6 април 2004 година, со измените на одредбите на новиот Закон за култура на Република Македонија, трите претходно самостојни организации во Струмица: Дом на културата, Уметничка галерија и Национален театар „Антон Панов“ биле интегрирани во заедничка организација под името Национална установа Центар за култура „Антон Панов“ – Струмица.
СЛЕДЕТЕ НÈ
Влез
Враќање на лозинка

Ја заборавивте лозинката?Внесете го Kорисничко име или email.Ќе примите врска за да креирате нова лозинка преку email.

ГОРЕ
КОШНИЧКА 0