loader image

МУЗИЧКА СЦЕНСКА ДЕЈНОСТ

Музичко-сценски сектор

Во 1986 година во Струмица почна со работа  Домот на културата „Благој Јанков Мучето“. Неговата програмска определба, според првиот директор на институцијата, Киро Козаров, на самите почетоци, била да се помага и да се промовира творештвото на творци од Струмица и Струмичко пред домашната јавност, но исто така и во странство. Идејата била да се претстават сите музички творци, дипломирани и студенти; ликовните творци, професионалните уметници и аматерите; книжевните творци, драмските аматери итн. Паралелно со тоа се случувал и организиран забавен живот (постоење на дискотека), а во 90-тите години се почнало и со редовни кино-проекции.

Од самите почетоци на Музичко-сценскиот сектор, во склоп на неговата дејност, почнале да работат разни секции и групи. Така во 1986 година почнал со работа Хорот „Деница“, под раководство на надворешниот соработник, хороводителот Коста Тимов, едно од оние имиња кои ќе остават трајни вредности во музичкиот живот во Струмица и во Македонија. Хорот функционирал до 1996 година. Имал повеќе настапи во земјава и во странство. Освоил неколку награди: три Сребрени плакети на Републичкиот фестивал на младински и пионерски хорови во Кавадарци (во 1988, 1990 и 1992 г.); две Златни плакети на Републичкиот фестивал на младински и пионерски хорови во Кавадарци (во 1994 и 1996 г.). Раководителот на хорот, Коста Тимов, во 2004 година, за неговиот придонес во областа на музиката и хорското пеење, ја добил Општинската награда, која ја доделува Општина Струмица на истакнати поединци. Претходно, уште во 1994 година, Општинската награда ја добил и Хорот „Деница“.

Со отворањето на Домот на културата во 1986 година, веднаш, во рамките на Музичко-сценскиот сектор почнало да работи и струмичкото Културно уметничкото друштво „Боро Џони“, кое е формирано во далечната 1948 година. Освен ансамблот „Распеани струмичани“ како дел од КУД „Боро Џони“, тука е и игроорната секција. Дејноста на овие два ансамбла станала составен дел од програмата на Музичко-сценскиот сектор. Во почетокот на 90-тите години, во периодот од 1990 година до 1992 година, работела и Драмската секција, која била поделена на пионерска и младинска. Како режисери и организатори на претставите биле Соња Бонева, Анче Давчева и Сандо Монев. За неколкуте години постоење Драмската секција прикажала неколку претстави за деца и младинци.

Во 2009 година почнала со работа Школата за кавал под раководство на кавалџијата од село Штука, Велко Ѓорѓиев, а била проект на Здружението за култура „Унисоно“ од Струмица. Поради подобрите услови за работа, во 2012 година, Школата за кавал продолжила со работа во Домот на културата во Струмица, во склоп на Музичко-сценскиот сектор, а со неа раководел Ристе Гогов, етнокореолог. Школата како дел од Музичко-сценскиот сектор функционирала од 2012 до 2014 година. Биле одржани неколку концерти во Струмица и настапи на Фестивалот на изворни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Долнени, Прилеп.

Од 2011 година до 2020 година – вкупно 10 години – секој август, во траење од околу една седмица, во НУЦК „Антон Панов“ се одржувал Летниот музички камп за дувачки инструменти и камерна музика. Летниот музички камп го воделе проф. доц. Александар Гошев, ментор по рог, Васо Ристов, професор по труба и Страше Темков, ментор по флејта. Целта на кампот била усовршување на младите таленти, како и подобрување на музичката педагогија во Македонија. Учесниците на кампот биле од Македонија и од земјите во регионот како Србија, Црна Гора, Словенија, Босна и др. За време на Летниот музички камп, како дел од неговата програма, се одржувале концерти на учесниците.

Преку поддршката од Министерството за култура, потоа преку разните форми на соработка со Општина Струмица, исто како и преку соработката со основните и средните училишта во Струмица, Музичко-сценскиот сектор секоја година реализира разновидна програма во која се застапени фолклорната, традиционалната музика, потоа класичната музика, џез музиката, забавната музика итн. Во редот на активностите на овој сектор спаѓаат и детските фестивали, промоциите на книги, проекциите на филмови еднаш седмично итн. Еден од плановите во блиска иднина на Музичко-сценскиот сектор е формирањето на чалгиски оркестар и детски хор.

Концерти
0
Музички манифестации
0
Фестивали
0

Во реализирањето на програмата на Музичко-сценскиот сектор (концерти, музички фестивали, музички школи, кино-проекции итн.) покрај лицата кои се дел од Музичко-сценскиот сектор, свој удел, на различни начини, имаат и останатите вработени во НУЦК „Антон Панов“. Сепак програмата на овој сектор, главно, се реализира преку работата на тројцата вработени во овој сектор.

Распеани струмичани

Вокално-инструменталниот ансамбл „Распеани струмичани“ постои околу седумдесетина години. Неговите почетоци се во склоп на тогашното Културно-уметничко друштво „Боро Џони“ и тоа како секција за негување и исполнување на староградски и народни песни. Во Друштвото постоел музички оркестар кој имал двојна функција: да ја придружува фолклорната секција, но и вокалните хористи и солисти при изведбата на староградските и народните песни. Оркестарот бил воден од страна на професионалец, вработено лице во редовен работен однос како музички и организациски менаџер.

Како самостојно вокално-инструментално здружени фигурира од 1 јануари 1987 година под покровителство на Домот на култура во Струмица. ВИА „Распеани струмичани“ го има издадено првиот аудио и видео-носач на звук „На сам ден Тримери“ во целосна обработка и аранжмани на тогашниот раководител Стојан Стојанов. Од 2004 г. покровителството на ансамблот го презема Националната установа – Центарот за култура „Антон Панов“ од Струмица. Членувањето во ансамблот е строго волонтерски и аматерски врз основа на афинитетот и љубовта кон убавата, квалитетна песна.

Во досегашниот период, од основањето до денес, музички раководители биле Стојан Стојанов, Никола Бончев, Никола Пецанов, Игор Ангелов, Александар Бончев и сегашниот раководител Слободан Ѓошиќ. ВИА „Распеани струмичани“ како негувач на традицијата има голем број настапи, гостувања и награди. Последното гостување на ансамблот беше на 53. Републички фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ во 2023 година во Битола, каде беше добитник на првата награда за најуспешна група која исполни староградска музика и песни од струмичкиот регион.

Ансамблот има околу 30 члена (хористи и оркестар). Секоја година во чест на празникот на градот Струмица на 11 декември – „Св. Петнаесет Тивериоплоски Свештеномаченици“, ансамблот го одржува својот годишен концерт. За време на тримерските празнувања пак, ја презентира струмичката традиција и култура преку обичаите, адетите, музиката, песната и играта.

КУД „Браќа Џони“

Културно-уметничкото друштво „Боро Џони“ е формирано во 1948 година. Во неговите рамки функционирале две групи. Првата, пејачката група, позната како „Распеани струмичани“, која ги негувала староградските песни од струмичкиот крај но и од Егејска Македонија. Втората група била игроорната група, која изведувала познати македонски ора но исто така, во поедини пригоди, изведувала и ора и сплетови од другите краишта на тогашната држава (војводински ора, црногорски итн.). Во текот на своето постоење КУД „Боро Џони“ имало повеќе кореографи меѓу кои биле и Васил Пандев, Богоја Ристески, Боро Патриков, Александра Давидовска, Васе Христов, Александра Тодорова и др.

Со формирањето на Домот на културата во Струмица 1986 година, по иницијатива на првиот директор на оваа институција, Киро Козаров, КУД „Боро Џони“ се преселило и почнало да функционира во просториите на струмичкиот дом на култура. Во тоа време секретар на Друштвото бил Стојан Стојанов, кој има голем придонес во развојот на Друштвото и кој, во исто време, бил и раководител на Музичко-сценскиот сектор при Домот на културата во Струмица. Кон крајот на 80-тите години се случило значајно гостување на Друштвото во Киев, тогашен СССР. Во 2005 година доаѓа до прекин на дејноста на КУД „Боро Џони“.

Во 2024 година, по цели 19 години е возобновена дејноста на КУД „Боро Џони“ преку возобновување на игроорната секција. Раководител на секцијата, надворешен соработник и кореограф е Васил Пандев од Босилово. Во моментот игроорната секција брои околу триесет и пет члена, а пробите се одржуваат двапати седмично.

Октет „Струмица“

Октетот „Струмица“, кој брои осум членови, е формиран на 10 септември 2024 година. Членови на октетот се: Слободан Ѓошиќ, Тиме Крстев, Љупчо Беќаров, Ѓорѓи Гетев, Ристо Пераклиев, Митко Бонев, Звонимир Захов и Зоран Петков.

Октетот „Струмица“ ја негува традиционалната староградска песна. Членовите на октетот во исто време се и вокални изведувачи и инструменталисти.

Фестивал на староградски песни
„Под кулите на Струмица“

Фестивалот „Под кулите на Струмица“ се одржува од 2009 година до денес. Досега имал тринаесет изданија – со исклучок на 2020 г., кога имало пауза поради ковид пандемијата. На овој Фестивал се изведуваат и негуваат исклучиво староградски песни и серенади. Овој значаен проект за граѓаните на Струмица и за градот Струмица е инициран од тогашниот директор на НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, Димитрије Атанасов. Досега на Фестивалот имаат учествувано ансамбли од целата Република, а свое учество имале и ансамбли од Хрватска и Бугарија, така што Фестивалот има и една меѓународна димензија. Традиционално, Фестивалот се одржува секоја година во мај.

Фестивал на источно црковно пеење

Идејата за одржување на фестивал од ваков тип произлезе од тогашниот директор на НУЦК „Антон Панов“ – Струмица, Димитрие Атанасов и тогашниот раководител на Музичко-сценскиот сектор Киро Козаров. Првото издание на Фестивалот се одржа во 2010 година во просториите на НУЦК во Струмица. Од 2015 година Фестивалот почна да се одржува во храмот „Св. Петнаесет Тивериоолски Свештеномаченици“ во Струмица. Досега на Фестивалот учествувале повеќе диригенти, хорови, уметници како: д-р Јане Коџобашија, Ивица Зориќ со хорот „Менада“ од Тетово, Игор Гулевски со хорот „Св. Нектариј Битолски“, Мирјана Павловска-Шулајковска со хорот „Херувими“, Зоран Мазнејков со хорот „Св. Теофил Струмички“, Мери Чекуткова со хорот „Св. Макрина“ од Битола, машкиот хор „Св. Роман Слаткопевец“ од Струмица и др.

Во 2018 година се одржа научен симпозиум со наслов „Источното црковно пеење во Македонија“. Со организацијата на Фестивалот денес раководи Слободан Ѓошиќ, вработен во Музичко-сценскиот сектор во НУЦК „Антон Панов“ од Струмица, а свој удел досега во техничката подготовка на Фестивалот имале Елисавета Василева-Бончева, Софија Џибулова, Стојан Стојанов, Иван Јовев, Славе Шумаров, Ѓорѓи Поп Митев, Васил Богоромов, Сречко Гунчев.

Интернационален фестивал на камерна музика
„Струмица класика“

Од 2021 година во НУЦК се одржува Интернационалниот фестивал на камерна музика „Струмица класика“. Фестивалот се зароди по идеја и иницијатива на нашиот познат обоист Васил Атанасов, кој потекнува од Струмичко. Фестивалот е поддржан финансиски од Општина Струмица, а е со организациска и техничка поддршка од Музичко-сценскиот сектор при НУЦК „Антон Панов“ од Струмица. Освен солистичката музика, најголемиот дел од програмата е посветен на камерната музика со настапи на состави како дуо, трио, квартет, квинтет, октет, хорови, камерни оркестри итн. Целта на Фестивалот е да се претстават врвните македонски уметници што ја негуваат камерната музика, но и гости од соседните земји, Европа и пошироко.

СЛЕДЕТЕ НÈ
Влез
Враќање на лозинка

Ја заборавивте лозинката?Внесете го Kорисничко име или email.Ќе примите врска за да креирате нова лозинка преку email.

ГОРЕ
КОШНИЧКА 0