Последниот ден од јуни на фестивалот “Мала сезoна” на сцената на театарот „Сфумато” во Софија ја видовме монодрамата „Кротка” од Македонија на режисерот Дејан Ангелов. Кратката повест на Ф.М. Достоевски беше претставена на сцена од страна на актерот Стојан Велков, којшто, и покрај монолошката форма на текстот, успеа да го згусне случувањето и мајсторски да го наслика портретот на еден егоцентричен неврастеник.
Фабулата е концентрирана врз односите помеѓу протагонистот и неговата кротка и покорна млада сопруга, со којашто тој се венчава не од љубов, туку за да може секогаш да доминира над нејзиниот инертен карактер. Со емоционалната оддалеченост и изразениот автократски карактер, тој одбива да разбере што е причината за нејзиното униние и сѐ подлабока депресија. Нејзиното самоубиство од фрустрација е причина за неговата самоизолација и почеток на неговите размислувања, кои се излеваат во бесконечен тек на свеста.
Ретроспективниот расказ од гледна точка на сопругот станува поле за изразување на Велков, кој постепено го заситува својот лик со плејада од контрадикторни особини – вина, нарцизам, самоомраза, но и гордост и чувство на супериорност. Актерот се жали, се брани пред невидливи судии и се прекорува притоа успевајќи во секој момент да го задржи вниманието на публиката без никакви празнини во темпото. Епско-наративниот принцип целосно доминира во претставата, што, сепак, не го ограничува Велков во обидот да ги нијансира поединечните ликови, но и да им даде повеќе боја на неговите променливи состојби. Светло-црвената шминка околу очите, која сугерира исцрпеност од несоница, укажува и на степенот на неговата вина. Неговиот, во црвено обоен показалец, е детаљ кој, иако минималистички, е впечатлив и нагласува дека токму со сопственото однесување лихварот има удел во смртта на неговата сопруга.
Во однос на просторниот изглед, сценографијата на претставата е изградена од внимателно одбрани реквизити, кои носат симболично значење – сцената го добива изгледот на куќата на лихварот, на протагонистот, каде што се заложени бројни предмети. Огромната, канонски насликана икона во заднината, која го прикажува Христос Пантократор, кој го вперил својот суров, осудувачки поглед во Велков, игра суштинска улога и во заплетот. Поради неа, лихварот ја среќава својата идна сопруга, но малиот сакрален предмет е и последниот придружник на жената во нејзиното самоубиствено бегство од високиот прозорец. Друг мал детаљ се женските чевли, со кои Велков си игра, но ги користи најчесто за да ја илустрира смртта на „кротката“ фрлајќи ги од прозорецот, кој е подигнат на импровизирана говорница со натпис „Memento Mori“. И конечното откривање на гломазниот предмет што лежи под дебел црвен покров во задниината е исто толку шокантно колку што е и ефективно: се открива дека ковчегот, заедно со студениот труп на неговата сопруга, цело време бил закотвен за сцената, како да е трансформиран во уште еден заложен предмет изложен во куќата на лихварот.
Можеби најкарактеристичната црта на изведбата останува нејзината жива музичка партитура, компонирана од Ставро Ангелаков. Комбинацијата од атмосферски гитарски рефрени, но и најобичното звучење на звуци и извици преку стружечкото гудало на вратот на електричниата гитара, придонесуваат за дополнителната впечатливост на изведбата. Систематската употреба на „реверберација“ – ехо, заедно со изострени, груби и пригушени тонови сугерира внатрешна ментална нестабилност на ликот.